www.dnevnik.com.mk
РОДОЉУБ ДРАШКОВИЌ, СОПСТВЕНИК НА ГРУПАЦИЈАТА „СВИСЛАЈОН-ТАКОВО“
„Агроплод“ ќе стане трговски бренд во регионот.
Купувањето акции во „Агроплод“ е сериозен почеток на нашето работење во македонското стопанство. До септември производството и пласманот на производите од „Агроплод“ на македонскиот и на пазарите во поранешните југословенски републики ќе се зголемат најмалку три пати, вели српскиот бизнисмен Драшковиќ
Српскиот бизнисмен Родољуб Драшковиќ пред еден месец го почна походот за освојување на ресенската прехранбена фабрика „Агроплод“. Веќе располага со над 30 отсто од капиталот на претпријатието, а планот му е мнозински пакет и доминантна сопственост. Капиталот на Драшковиќ е раширен во земјите од поранешна СФРЈ, а е присутен и во државите од ЕУ. Неговиот бизнис датира од пред 25 години. Вели дека почнал со помалку од нула, а сега прави годишен приход од 350 милиони евра. Познат е и како брат на актуелниот српски министер за надворешни работи Вук Драшковиќ, за кого тврди дека повеќе му одмага отколку што му помага во бизнисот. Драшковиќ одбива да го поистоветуваат со транзициските бизнисмени што направија многу пари во сомнителни услови. Ветува дека во Македонија ќе направи моќна компанија „Свислајон-Агроплод“, по примерот на познатиот српски концерн „Свислајон-Таково“.
Влегувањето во „Агроплод“ е почеток или заокружување на Вашиот инвестициски процес во Македонија?
- Купувањето акции во „Агроплод“ е сериозен почеток на нашето работење во македонското стопанство. „Свислајон“ е присутен на пазарот во Македонија од 90-тите години на минатиот век и многу добро сме позиционирани. „Агроплод“ има комплементарна дејност со „Свислајон-Таково“ така што многу брзо ќе се имплементира на пазарот на концернот. Очекувам многу брзо да ги решиме пазарните проблеми на ресенската фабрика со тоа што производствената програма ќе ја имплементираме во нашата и ќе обезбедиме позиција на пазарот. До септември производството и пласманот на производите од „Агроплод“ на македонскиот и на пазарите во поранешните југословенски републики ќе се зголемат најмалку три пати.
Најавивте амбициозни проекти за „Агроплод“. Сега располагате со околу 30 отсто од капиталот на фабриката. Ќе ги земете ли мнозинскиот пакет акции?
- Ние и сега располагаме со доволен процент за да имаме економски интерес да воспоставиме цврста пазарна, производствена и деловна соработка помеѓу „Свислајон-Таково“ и „Агроплод“. Тоа е најважниот фактор за да ги интегрираме производствените активности и да имаме заеднички настап на пазарот. Што се однесува да идното купување акции на Македонската берза, сигурно дека ќе бидеме неприкосновени и дека ќе одиме до откуп на 100 отсто од акциите на „Агроплод“.
Колку ќе Ве чини тоа?
- Не знам точно. Но се надевам дека многу брзо ќе го стекнеме мнозинскиот удел.
Зошто решивте да го купите токму „Агроплод“?
- Тоа што е „Таково“ за стопанството во Србија, тоа е „Агроплод“ за Македонија. Јас пред 2,5 години влегов во „Таково“ и за 90 дена од една пропадната фабрика направив капацитет, кој има силен бренд, фантастична позиција на пазарот, нови правила, систем, организација на производствената програма и опрема. Денес „Таково“ е едно од најголемите и најуспешните претпријатија во Србија. „Агроплод“ ќе ја доживее својата деловна експанзија многу брзо и многу полесно со нас отколку со кој било друг субјект што би ги купил акциите на оваа фабрика. Ние имаме финансиска сила за да го ревитализираме комбинатот. Лично јас ќе го предводам финансискиот консалтинг бидејќи освен што сум економист, во оваа работа сум 25 години. Моделот на заздравување што го применив во „Таково“ ќе го применам и во „Агроплод“. Друг рецепт нема. Јас гарантирам успех.
Колку инвестиции ќе бидат потребни за постигнување на таа цел?
- Според моите процени, во наредните две-три години во „Агроплод“ треба да инвестираме околу 10 милиони евра за компанијата квалитетно да се позиционира на пазарот. Системот што функционира во Србија под трговскиот бренд на концернот „Свислајон-Таково“ планираме да го создадеме и во Македонија под називот „Свислајон-Агроплод“. Тоа значи дека сме подготвени да вложуваме во сите стопански претпријатија што можат да се имплементираат во нашиот деловен систем и чија производствена програма можеме да ја ревитализираме, односно пазарно да ја ориентираме. Што се однесува до „Агроплод“, планираме ревитализација во две фази. Првата фаза значи финансиска консолидација и ревитализација на опремата и на производствената програма. Втората фаза се инвестиции, развој и вложувања во нови проекти и производствени програми. Кога е во прашање преструктурирањето, тоа ќе биде во насока на јасна пазарна ориентација. Кога ќе ги завршиме двете фази, односно кога ќе го оспособиме „Агроплод“ да создава профит, парите ќе одат за развој на фабриката и на целиот преспански регион. Размислувам за развој на кооперативни односи со производителите на овошје и зеленчук и за ширење на капацитетите за нивна преработка. Ќе направиме интегриран деловен план за сите претпријатија во Македонија од областа на прехранбената индустрија што ќе го видат својот интерес за стратегиско поврзување со „Свислајон-Агроплод“. Тоа се однесува на големите производители на суровина и амбалажа и на луѓето што се занимаваат со дизајн и со маркетинг. Развојот на „Агроплод“ е важен за целокупниот развој не само на регионот, туку и на македонското стопанство.
Верува во регионот
Планирате ли да вложувате во други македонски фирми?
- Моментно не. Но развојот на „Агроплод“ е исклучително добра подлога за развој на други стопански претпријатија.
Како ги оценувате бизнис-условите во Македонија? Колку тие овозможуваат успешен бизнис?
- Пазарното поднебје во Србија и во Македонија е целосно идентично. Во Србија се случува неочекувано брз развој на пазарот. Очекувам тоа да се случи и во Македонија. Практично и пазарните мерки што ги преземаат владите на двете земји се идентични. Мислам дека во наредниот период на македонскиот пазар ќе важат правилата на модерното пазарно работење. На стопанскиот развој му пречи бирократизацијата во системот на власта. Но ние стопанствениците сме свесни дека мора да има државна бирократија и регулатива и дека регулирањето на одделни области на пазарот не оди толку брзо колку што намни треба. Со структурните промени во стопанството и на пазарот треба да се обезбедат стабилни и сигурни услови за стопанисување на долг временски период. Секоја промена на пазарниот амбиент условува пад на производството и на пласманот и проблеми во работењето на стопанството. Што побрзо се постават пазарните стандарди на ЕУ, толку полесно ќе го покренеме циклусот за развој на стопанството во овој регион. Се' поцврсти се и деловните врски помеѓу претпријатијата од земјите во регионот. Затоа се надевам дека еден ден ќе се формира економска унија во регионот, односно бесцарински простор и идентични пазарни правила за протокот на капитал да е брз како што е во земјите од Унијата.
Сметате ли дека постои политичка волја во регионот за да се постават такви економски односи?
- Постои јасна порака од ЕУ дека кон таа цел мора да се оди. Нема друг излез и затоа нашите влади мора да бидат подготвени за да ги имплементираат системот и правилата што важат во ЕУ.
Вашиот концерн „Свислајон-Таково“ е присутен во 60 земји. Во која насока ќе се ширите во иднина?
- Постојано го шириме пазарот. Концернот „Свислајон-Таково“ се занимава со производство и пласман на храна на пазарот во Србија, во земјите од поранешна СФРЈ, а извезуваме и во европските и во африканските земји и на американскиот континент. Денес во Србија сме најголеми производители на храна, имаме сопствена дистрибуција и трговска мрежа. Спојот помеѓу трговијата и индустријата е нова идеја која обезбедува најкраток пат од производството до потрошувачот. Целта е да имаме директна комуникација со потрошувачот за да ги чуеме неговите барања и оценки за квалитетот. Потрошувачот на овој начин добива и многу поповолна цена отколку со пласман преку други трговски куќи.
Во 2005 година вкупниот приход на „Свислајон-Таково“ изнесуваше 325 милиони евра. Имаме 13.200 вработени. Во минатата година остваривме значителен профит, кој го инвестираме во производните процеси и во трговската мрежа. Инвестиравме и во „Свислајон-Скопје“, кој денеска е светска фирма, целосно автоматизирана со висококвалитетна производна програма. Производите на „Свислајон-Скопје“ многу добро се позиционираа на пазарот. Имаме проблеми со производствените капацитети бидејќи достигнавме нивна 100 процентна искористеност.
Разочаран од политиката
Од кога датира Вашиот бизнис и од каде доаѓа капиталот?
- Јас сум редок меѓу успешните бизнисмени во регионот кој од пропаднатото претпријатие „Вик“ од Вршац направи успешна фирма, која прерасна во корпорација „Вик“. Потоа го создадов „Свислајон“. Со купувањето на „Таково“ процесот се ширеше. Цели 25 години својата работа ја посветив на стопанството. Почнав практично од -70, а не од 0. Успехот на пазарот зависи од стручноста, амбицијата, ентузијазмот, визијата. Сето тоа ме следеше во животот и успеав да создадам еден концерн, деловен систем, какви што ги има во Европа. Помош немав од никого. Јас сум од сиромашна херцеговинска фамилија. Капитал немав. Никој не ми продаде ни почетен капитал.
Вашата девиза е дека во фирмите што ги купувате не влегувате како „газда“ туку како „домаќин“. Што значи тоа?
- Никогаш себе не можам да се поистоветам со газда. Газда е човек што има многу пари што ги дал на оплодување. Јас сум домаќин бидејќи сум најголем работник во својот деловен систем. Ги водам финансиите, технологијата, организацијата, пазарот, социјалната грижа за своите вработени. Човек што работи 16-18 часа дневно не може себе да се нарече газда, а ни работник. Јас сум повеќе од работник, а помалку од газда. Во вистинска смисла на зборот јас сум домаќин во една огромно семејство од 13.000 луѓе, кое мора да успее, да ги задоволи интересите на вработените и да обезбеди развој на компанијата.
Бевте член на Нова демократија. Зошто ја напуштивте политиката?
- Мојот влез во политиката беше со цел што побрзо да направиме пазарен амбиент, да обезбедиме стопански развој на земјата, да ги надминеме проблемите со сиромаштијата, да ги решаваме социјалните прашања. Во тоа време сметав дека успешните стопанственици треба да се интегрираат во демократските политички опции за да го дадат својот придонес за побрз економски, општествен и демократски развој. Многу брзо се разочарав. Политиката е сосема нешто друго од стопанството. Сфатив дека една ластовичка не прави пролет, дека не можам да влијаам на промена на состојбата, дека не можам со својата работа да придонесам за промени. Ја напуштив политиката и своите работни способности и потенцијали ги насочив исклучиво на развој на стопанството.
Дали и политиката Ве напушти Вас? Колку Вашиот бизнис е имун на политички влијанија и притисоци?
- Верувајте дека во ниедна земја во која работам немам притисоци од луѓето од политиката. Целосно сум независен. Не сум доживеал пречки во развојот на својот бизнис. Немам никакви корелациски односи со српската влада ниту со министерствата. Моето влијание врз политиката е еднакво на нула, а и влијанието на политиката врз развојот на мојот бизнис е еднакво на нула.
Брат ми Вук Драшковиќ ми одмага во бизнисот
Колку Ви одмага или Ви помага тоа што сте брат на Вук Драшковиќ?
- Искрено да ви кажам повеќе ми одмага отколку што ми помага. Ние сме во извонредни братски односи. Се почитуваме, се сакаме, се грижиме еден за друг. Но кога е во прашање работата, ние сме два света. Тој е во светот на политиката и книжевноста, јас во бизнисот. Вук не го разбира тоа што го работам. Тој нема поим дека денеска сум во Македонија, дека го купив „Агроплод“. Тој не знае што работам во Србија, а камоли во Македонија. Имаме многу сличности, енергија, ентузијазам, способност за успешно да го носиме своето животно одело, но кога е во прашање оваа сфера што е надвор од приватниот живот, ние сме два различни света. |